Српска фирма без ниту еден вработен има 1,5 милијарди евра

Објавувањето на листата на 100-те  најимотни компании во Србија вчера предизвика лавина од реакции во медиумите. Агенцијата за стопански регистри на Србија вчера ги објави најдобрите компании според нето добивката и приходот при што на четврто место се појави името на компанијата „ТЦ Империјал клиринг хаус“ со околу 1,5 милијарди евра.  Оваа фирма регистрирана во Белград нема ниту еден вработен и нема искажани приходи, што е скоро необјасниво, па ги предизвика новинарите да истражуваат.

Фирмата е регистрирана за вршење на дејности од областа на финансиските услуги, но од Агенцијата не можеле да кажат точно со што се бави компанијата. Со детален увид во податоците за регистрацијата на компанијата се видело дека капиталот е непаричен, односно потекнува од злато и дијманти. Поголемиот дел и припаѓа на „ТЦ Тристар империјал интернационал кредит институт“ од Кипар, а само 20 отсто на некое домашно физичко лице.

Српските експерти коментираат дека мотив за тоа што капиталот бил пријавен во злато и дијаманти е тоа што во србија за таков имот не се плаќа данок и додаваат дека Србија би можела да биде даночен рај наместо Кипар за ваквиот вид на имот.

Името на спорната компанија се појавило во друштво на најуспешните српски компании како „Електростопанство Србија“, „Патишта Србија“ и „Телеком“.