Српската амбасадорка повикана на разговор во МНР

Во врска со нотираното присуство на Горан Живаљевиќ, советник во Амбасадата на Република Србија во Република Макединија како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април 2017, денес во Министерството за надворешни работи на Република Макединија била повикана на разговор амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Н.Е. Душанка Дивјак – Томиќ.
Од МНР известуваат дека на средбата било изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Република Србија во Република Македонија во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април и било побарано детално појаснување на причините и околностите за истото.

Притоа, беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право. Од страна на соговорникот, со потврдување на заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете соседни држави, беа искажани ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, стои во соопштението на МНР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.