Српската амбасаорка во посета на општина Ѓорче Петров

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров и амбасадорката на Република Србија во Македонија Душанка Дивјак Томиќ разговараа за лоцирање на можностите за поинтензивно културно и економско претставување на општината кај северниот сосед.

Како што соопшти локалната самоуправа, на средбата била потенцирана и досегашната соработка на општината со општини во Република Србија како што се Осечина и Кралево со кои Ѓорче Петров има одлични односи на сите полиња, но изразена е заедничка желба соработка да се интензивираат на економски план.

– Македонија е одамна пред прагот на Европската унија и со своите искуства и можности има полесен пристап до Европските фондови од кои може да се настапи со заеднички проекти. Затоа во наредниов период ќе ги насочиме нашите сили заеднички да ги претставуваме сите проекти од значење за нас и нашите српски пријатели во унапредување на соработката која и досега е одлична, но секогаш има простор истата да се надогради, изјави градоначалникот Митровски.

Амбасадорката Томиќ исто така ја истакна својата подготвеност да помогне во надминување на можни административни пречки и олеснување на постапката од страна на Србија во комплетирање на потребната документација за заедничка презентација на проекти со споменатите српски општини пред меѓународните фондови.