Српската делегација во Тирана ќе биде обезбедувана од земја и водзух

За време на посетата на српскиот премиер, Александар Вучиќ во Тирана, безбедносните мерки ќе бидат подигнати на највисок степен.

Контрола на теренот ќе има и од земја и од воздух, а ќе бидат вклучени и припадници на антитерористичките единици.

Траекторијата по која ќе се движат Вучиќ и српската делегација ќе биде блокирана, а на граѓаните ќе им биде забрането да се движат со автомобили по истата.

Исто така е предвиден и специјален план за обезбедување на Амбасадата на Србија во престолнината на Албанија, која буквално ќе биде под “полициска опсада”.

Советникот на албанскиот премиер, Шкељзен Маљици изјави дека Албанија ќе превземе мерки а со цел дводневната посета на српскиот премиер да помине без никакви инциденти.

Планот за безбедносните мерки кои ќе ги превземе Министерството за внатрешни работи на Албанија денес ги обелодени албанскиот портал Балканвеб.

Инаку Вучиќ ќе пристигне во Албанија во среда напладне, а по официјалната церемонија ќе замине во Палатата Бригада каде ќе се одржи свечен прием.

Веднаш потоа Вучиќ и Рама ќе одржат тет-а-тет средба, по која ќе следи и состанок на двете делегации. Се очекува и заедничка прес конференција на премиерите на двете држави за новинарите.

Ова ќе биде прва официјална посета на српски премиер на Албанија.