Српската влада ќе отпушта вработени од јавниот сектор

Српската Влада прави план за рационализација на бројот на вработени во јавниот сектор, со кој би се почнало од 2015 година, пренесува „Блиц“.

Пред се, како што наведува весникот, се смета дека од вкупно 25.000 луѓе кои, според предлог на ММФ, треба да останат без работа во јавниот сектор од 2015 година, барање за пензионирање до Нова година ќе поднесат околу 19.500.

Државата така практично ќе биде принудена да врачи уште 5.500 откази, вообичаен „природен одлив“ од јавниот сектор е околу 10.000 луѓе годишно, а нив обично веднаш ги заменуваат нови вработени, што сега, со оглед на важечките мерки на забраната на нови вработувања, нема да може да биде спроведено.

Во делови на јавниот сектор каде има непродуктивни работни места и класичен вишок вработени, ќе има повеќе отпуштања, а јасно е дека ќе се оди и на нови вработувања таму каде тоа ќе се покаже рационално, пишува „Блиц“.

Во буџетот за наредната година, како што дознава „Блиц“, ќе се најде и одреден износ потребен за отпремнина на вишок вработени.

Според рамковни проценки, заминувањето на секој вработен државата може да ја чини и до 5.000 евра.

Во сето тоа, важна улога ќе има и конечното формирање на прецизниот Централен регистар на вработени во јавниот сектор.

Од друга страна, за весникот Политика, гувернерката Јоргованка Табаковиќ вели дека финансиерите немаат обичај да наметнуваат било какви, па ниту такви решенија.

Таа изјавила вчера за српските медиуми дека не се сретнала со такво барање од ММФ, како што е отпуштање на 95 000 луѓе.

-Не ми наликува на ММФ нешто толку експлицитно да бара. Таму каде што има вишок вработени, тоа треба да го решаваме сами, не заради ММФ, туку сами за себе, вели таа.

Србија, без никаков сомнеж има вишок вработени во јавните и државните служби, но колкав е  точно бројот на луѓето што се вишок сеуште нема точни информации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.