Српски фудбалери имале тајни сметки во ХСБЦ

Голем број јавни личности од Србија, а посебно од светот на спортот имале тајни сметки во контроверзната банка ХСБЦ, пишува српски „Курир“.

Претходно српските медиуми пишуваа дека меѓу Србите кои имале свои сметки е и фудбалерот Драган Стојковиќ – Пикси, а „Курир“ објавува дека на таа листа се и поранешните фудбалери на Црвена ѕвезда и Партизан Ненад Јестровиќ, Огнен Короман и Игор Дулјај.

Сметката на Ненад Јестровиќ се води на два списоци, белгиски и француски.

– Никогаш немав сметка во Женева, но имав во банката ХСБЦ во Дубаи. Ја отворив во 2006-та, кога настапував таму, сеуште е активна, но многу ретко ја користам. Незнам навистина што е спорно овде. Данокот уредно го плаќав каде и да играв, освен во Дубаи, затоа што таму не се плаќа данок, вели Јестровиќ.

Игор Дилјај, капитенот на Партизан тврди дека никогаш немал тајна или било каква сметка во ХСБЦ. Според податоците на „Курир“, сметката на негово име била отворена на 8-ми јули 2003, а затворена на 18-ти октомври 2004.

– Не е вистина дека имам сметка во таа банка во Женева или во некоја нивна филијала било каде во светот. Всушност незнам дека имам. Доколку навистина е така, јавете ми да знам дека имам пари на кои не сум се надевал, изјавил низ смеа Дулјај.

Огнен Короман ниту потврдил ниту одрекол дека има сметка во швајцарската банка:

-Сепак е моја приватна работа каде во странство имам сметка. Дали во Швајцарија или во некоја друга земја. Долги години играв во странство и нормално е да имам сметка во странство. Играв во Русија, Кореја, Англија… Секаде уредно плаќав данок и мислам дека кога станува збор за мене нема никаков проблем, вели Короман.

Според српски „Курир“ и поранешниот тренер на Црвена ѕвезда, Славољуб Муслин на тајна сметка во ХСБЦ има 1, 7 милиони евра.