Српски медиуми: Додека пензиите кај нас се намалуваат, во Македонија растат

Додека кај нас се намалуваат, во Македонија пензиите растат континуирано веќе осум години по ред, а според најавите на Владата во Скопје, оваа година пензиитеќе бидат зголемени за пет отсто, пишуваат српските медиуми, пренесува Курир.

Тие потенцираат дека со исплатата на јануарската пензија просечните прмања на пензионерите изнесуваат 12 487 денари. Пензиите последен пат се зголемени лани во март, а годинава околу 290.000 пензионери повторно ќе добијат зголемени примања за 5 проценти.

-Примањата на пензионерите континуирано растат осум години по ред. Од 2006 до 2014 година најголемо покачување има кај најниските пензии кои пораснале за 76 проценти. Просечните пензии се зголемени за 62 насто, а кај највисоките има зголемување за 30 проценти, објавува Б92.

Во 2006 година најниската пензија изнесувала 4.330 денари, а со ланското зголемување достигнала 7.620 денари. Просечната пензија во 2006 година била 7.683, а сега е 12.445 денари.  Во 2006 година највисоката пензија изнесувала 27.606, а со јануарската исплата е 36.007 денари.

Српските медиуми се осврнуваат и на тоа дека годинава Владата ќе овозможи и бесплатен туристички викенд за околу 3.000 корисници на пензија.

-Во изминатите години пензионерите добија бесплатен градски и железнички превоз, 27. 000 од нив ја искористиле и услугата бањско климатска рекреација, а оние што имаат примање пониско од просечната висина на пензија имаат бесплатно болничко лекување, објавува РТВ.