Српски медиуми: РПЦ ќе посредува во решавањето на спорот помеѓу МПЦ и СПЦ

Митрополитот Иларион Алфејев, вториот човек на Руската православна црква изјави дека Москва сака да посредува помеѓу Белград и Скопје, пишуваат денеска српските портали повикувајќи се на информации на Верската информативна агенција (ВИА).

– Руската православна црква не може еднострано да ја признае МПЦ. Тоа треба да биде направено врз основа на сеправославно решение, а ние сме подготвени да бидеме посредници, изјави за бугарските медиуми митрополитот кој е задолжен за надворешни работи.

Српски Курир, повикувајќи се исто така на информации од ВИА, пишува дека поглаварот на МПЦ, архиепископот македонски и охридски Стефан, тврди дека добрите односи со Руската православна црква би можеле да придонесат за деблокада на дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ и во решавањето на статусот на МПЦ.

Тој очекува дека „добрите односи“ со Руската православна црква ќе доведат до поместување од мртвата точка на која во моментов се наоѓа дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ.