Српскиот парламент изгласа намалување на платите и пензиите

Српскиот парламент изгласа ребаланс на буџетот и придружни закони со кои е предвидено намалување на платите во државниот сектор и на пензиите над 25.000 динари (1 евро = 119 динари), објавуваат денеска српските печатени медиуми.

По 12 часа дебати „За“ гласаа 188 пратеници додека „против“ беа – 10. Намалувањето на платите и пензиите влегува во сила од 1 ноември.

За време на дебатата министерот за финансии Душан Вујовиќ изјави дека Србија не е под закана од банкрот или неликвидност и нагласи дека ребалансот на буџетот има за цел да се постават основите на реформите.

Премиерот Александар Вучиќ наведе дека Србија има макроекономска стабилност, а владата презела мерки за фискална консолидација заради подобра иднина бидејќи државата би банкротирала до почетокот на 2017 година.

Претседателот на парламентарната група на опозициската Демократска партија Борислав Стефановиќ предупреди дека одлуката за намалување на пензиите е спротивна на Уставот и поради тоа властите ќе треба да им враќаат на пензионерите на ист начин како што тоа беше направено во 2001 година кога на власт беше Слободан Милошевиќ.