Српскиот претседател очекува проблеми по изборите на Косово

Победата на таканареченото „воено крило“ на предвремените парламентарни избори на Косово ќе создаде многи проблеми, но клучно е што Албанците нема да имаат контрола над Србите како што посакуваа, порача во понеделникот српскиот претседател Александар Вучиќ.

Коментирајќи ги резултатите од неделните избори на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ пред новинарите рече дека победата на коалицијата предводена од Рамуш Харадинај, Хашим Тачи и Фатмир Љимај ќе претставува проблем, но дека Србија ќе се бори да ја сочува стабилноста и да го продолжи дијалогот.

„Таканаречената воена или ветеранска коалициска партија (PAN – з.р.) којашто доби мнозинство на изборите е онаа групација којашто најотворено им се закануваше на Србите и тоа ќе ни создаде многу проблеми“, изјави Вучиќ во понеделникот.

Српскиот челник истакна дека при формирањето на владата во Приштина, наспроти себе коалицијата ќе го има единствениот српски блок кој ќе ги штити интересите на Србите и на Србија во својата поранешна јужна покраина.

„Останува да се види какви коалиции сакаат да формираат. Имаат доста единствен блок на Србите кој ќе ги штити и чува своите интереси“, порача Вучиќ.

По неделните избори на Косово, Србите во тамошниот парламент ќе ги претставуваат 10 пратеници на Српската листа, според пишување на белградските медиуми кои оценуваат дека најголемото изборно изненадување претставува радикалното опозициско движење Самоопределување, коешто е на второто место.

Откако официјален Белград меѓу петте политички опции кои ги кандидираа косовските Срби директно ја поддржа Српската листа, претседателот на парламентарната комисија на Скупштината на Србија за Косово и Метохија, Милован Дрецун, оцени дека изборниот резултат покажува дека „Србија е незаобиколен и единствен фактор“ кој може да преговара во името на српскиот народ со Приштина.

Според нецелосните изборни резултати кои ги објави во понеделникот коалицијата на невладините организации Демократијата на сила, 34,5 отсто освоила коалицијата на Тачи, Харадинај и Љимај, па со 26,7 отсто следи Самоопределување, коалициајта на Демократскиот сојуз на Косово со 25,8 отсто, а Српската лиса освоила 4,8 отсто од гласовите, додека сите другу партии и организации освоие вкупно 10,1 отсто од гласовите.

Право на глас на косовските избори имаа околу1,87 милиони избирачи, од кои околу 100 илјади Срби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.