Српските дипломати тргнаа кон Скопје, без амбасадорката

Дипломатите од Амбасадата на Србија во Македонија, кои во неделата беа повлечени на консултации во Белград, претпладнево тргнале назад кон Скопје, пренесе Танјуг.

Амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ, како што најави претходно српското МНР, се враќа во Скопје на 31 август. Веднаш по пристигнуивањето се очекува таа биде примена од македонскиот премиер Зоран Заев.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, пак, денеска во Белград треба да ја прими македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко.

Утре во Ниш средба ќе имаат министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, на која, како што е најавено, „по пат на дијалог ќе почнат со решавање на отворените прашања со цел унапредување на пријателските односи меѓу двете држави и двата народа“.

Враќањето на персоналот во Амбасадата на Србија во Скопје и средбата на шефовите на дипломатиите на двете земји во Ниш, следува по вчерашниот телефонски разговар на македонскиот премиер Заев и српскиот претседател Вучиќ, во кој договориле Скопје и Белград да работат на зачувување и унапредување на билатералните односи, а секое евентуално несогласување да се решава исклучиво со дијалог.