Македонија

Српските двојки принудени да доаѓаат во Македонија по сперма

Српските двојки принудени да доаѓаат во Македонија по сперма

По три неуспешни обиди за вонтелесно оплодување, 43-годишната Ивана Симиќ од Белград останала без можност да добие дете. Нејзина последна шанса била Македонија бидејќи Србија не дозволува донирање на сперма и јајце-клетки на сопствена територија.

Ивана за српски „Блиц“ вели дека таа и нејзиниот сопруг се само една од многуте двојки кои ја бараат среќата во Македонија. Велат дека во земјава има добри лекари и одлични клиники каде по загубената надеж во Србија, можете да дојдете до посакуваното дете.

По осум години безуспешен обид, Ивана и Дејан дури неодамна дознале дека сперматозоидите на Дејан не се добар материјал, што било и препрека да станат родители.

– Тоа бешe шок за нас бидејќи никој никогаш не ни рекол дека имаме проблем. Направивме разни анализи кои не укажаа на тоа – вели Ивана.

Сепак, не се откажале од желбата за дете. Слушнале дека во Македонија постојат добри лекари и лаборатории за вонтелесно оплодување кои работат со помош на донирани полови клетки.
Во Скопје од првиот обид успеало оплодувањето со донирана сперма, и Ивана забременила.

Поради спороста на државата, двојките од Србија, како Ивана и Дејан, кои немаат свои полови клетки, се принудени на вонтелесно оплодување да патуваат во Македонија, Чешка, Унгарија, каде во болниците за вонтелесно оплодување донорски јајце-клетки можат да се купат за 3.400 евра, додека „позајмувањето“ сперматозоиди чини 200 евра. Имено, во Србија секоја година се најавува отворање на банки за сперма и јајце-клетки. И тоа трае веќе пет години.

За повеќе од 10 отсто од српското население, ова е единствена шанса за наследство, но во Србија Законот за нешто вакво е се уште е само мртва буква на хартија. Тие се принудени да одат во соседните земји каде е можно да се забремени со користење клетки од донирана сперма.