Српските наставници ќе штрајкуваат за поголема плата

Српските синдикати за образование в среда организираат еднодневен предупредувачки штрајк и покрај утрешните преговори со министерот за образованиа Срѓан Вебриќ, изјави портпаролката на Сојузот на синдикати на вработени во образованието Јасна Јанковиќ, објави МИА.

Сојузот и уште три училишни синдикати бараат зголемување на платите на наставниците и покрај владините пакет економски мерки, со кои се предвидува нивно намалување.

Јанковиќ посочи дека синдикатите веќе разговарале со министерот за образование, но решението зависи од Министерството за финансии, од државната администрација и локалната самоуправа.

– Синдикатите ќе продолжат да штрајкуваат бидејќи е неприфатливо намалување на платите во образованието, кое и без тоа е во апокалиптична состојба, истакна Јанковиќ.

Просечната плата во образовниот сектор е 43.000 динари (359 евра), во државните служби е 56.000 динари (467), а во државните претпријатија – 65.000 динари (542 евра).