Српското МНР реагираше на изјавата на Еди Рама

Министерството за надворешни работи на Србија реагираше на изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можното обединување на Албанија и Косово така што испрати соодветни инструкции до сите мисии при меѓународните организации и амбасади во земјите-членки на ЕУ, на СБ на ОН и до соседните земји.

Весникот „Данас“ наведува дека упатено е писмо и до претседавачот на Советот за безбедност при Обединетите нации со барање писмото да биде документ на СБ.

Во интервјуто на Рама за косовската телевизија „Клан Косово“ тој изјави дека доколку Косово и Албанија не се обединат во ЕУ, тогаш тоа ќе го сторат на класичен начин. Ваквата негова изјава наиде на поддршка и од Хашим Тачи.

Изјавите на Рама и Тачи за обединување на Албанија и Косово ја критикуваше Европската комисија, нагласувајќи оти тоа е провокација која не е во согласност со политиката на соработка во регионот.