ССК: Билатералната соработка со Грција се зајакнува на економски план

На покана на грчкото министерството за рурален развој и храна и Министерството за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Александар Зарков, беше панелист на првата тркалезна маса за спроведување на интегрирана програма и меѓурегионална иницијатива за остварување на целите за одржлив развој на Балканскиот полуостров, која се оджа во Кожани, Грција.

Осoбен акцент беше ставен на агро-бизнис сектoрот и имплемeнтација на најсовремени дигитални технологии.

Како резултат на воспоставената соработка на ССК со Грчката интернационална бизнис асоцијација, остварена под покровителство на Универзитетот Колумбија во САД, беше потпишан првиот билатерален договор за соработка и вмрежување на бизнисмените од двете земји. Учеството на ССК на оваа конференција на највисоко ниво е уште еден чекор кон зајакнување на економската билатерална соработка.

„На конференцијата на која на највисоко ниво присуствуваа, министри, стопански комори од Грција и регионот се стави акцент на развивање интегрирана програма за Балканскиот Полуостров и имплементација на целите за одржлив развој особено во земјоделството. Еден од заклучоците е формирање на регионална мрежа меѓу учесниците или ГеоБалкан иницијатива која ќе дејствува во насока на спроведување на препораките на министрите за земјоделство на Г20 според кои правилно насочени земјоделски политики се од клучно значење за постигнување на одржлив развој на земјоделството. Сето тоа треба да се постигне со примена на информатичките и комуникациските технологии, истражување и развој, соработка и трансфер на знаење“, изјави Зарков и додаде дека се потенцираше важноста од формирање нова програма на ЕУ финансирање исклучиво за земјите од Балканскиотполуостров, кои ќе делуваат преку заедничката регионална мрежа.

Сотир Ампов, претседател на Индустриската комора на Македонија при ССК, истакна дека трговијата и заедничките инвестици се во фокус на бизнисмените од двете земји.

„Како соседски земји, потенцијалите за соработка се големи, како меѓу компаниите така и за заеднички настап во трети земји и учество на заеднички проекти. Бизнис задницата веќе има воспоставено добра економска соработка со голем потенцијал за надоградување. Од посебна важност е развој на индустријата како клучна гранка на стопанскиот сектор и поттикнувач на економскиот развој. Она што е исто така битно е да се воспостави директна авио линија Скопје – Атина која ќе има големо влијание на деловните односи“, истакна Ампов.

Грција е еден од петте најзначајни трговски партнери на Македонија. Најголемите инвестиции се во банкарскиот сектор, нафтената индустрија, трговијата и текстилната индустрија. Минатата година, остварена е трговска размена во вредност од 598 милиони евра, извозот е 148 милиони евра, а увозот е 450 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.