ССК: Компаниите да применуваат стандарди за поголем извоз и конкурентност

За поголем извоз и конкурентност на домашните компании им е потребен посериозен пристап во примената и сертификацијата на меѓународните стандарди. Тоа може да им помогне и во услови на актулената политичка криза затоа што ќе имаат меѓународно признат производ, оценуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

– Македонските компании моментно не толку сериозно ја прифаќаат  темата за стандардизацијата. Во последно време се гледа тенденција  за користење на сертификатите само за одредени намери, а не за подобрување на севкупното работење на компанијата, рече денеска на прес-конференција Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на ССК.

Примената на меѓународните стандарди, потенцира, пред се, придонесува за поквалитетно работење на компаниите, поголема усогласеност на домашната и меѓународната законска регулатива  и во исто време и за полесен пасман на производите и услугите кои ги нудат компаниите во Европа и светски рамки.

Според Евросимовски, во услови кога македонската економија трпи последици од политичката криза во државата која трае предолго, сертифицирањето  може да им помогне домашните компании полесно да извезуваат производи и услуги  затоа што производот им е признат и имаат воспоставени релации со партнерите во Европа и пошироко.

Во Македонија најприменуван е основниот меѓународен стандард ИСО 9001, како Систем за управување со квалитет, и трансферот кон новата верзија на стандардот од 2015 година. Евидентен е трендот кон прифаќање поспецифични меѓународни стандарди, кои се применуваат во зависност од самата област, односно дејност.

– Покрај конкурентска предност и меѓународна препознатливост, што резултира со зголемување на извозот и соработката со странски и меѓународни компании, компаниите добиваат и правна сигурност во однос на почитувањето на законските барања од соодветната област.  Дополнителни предности од тоа се намалување на трошоците од евентуални казни за прекршување на законските барања, полесно добивање овластувања и дозволи од локалните и државните власти, подобрен углед и создавање на доверба кај бизнис заедницата, рече Евросимовски.

Меѓународната организација за стандардизација (ИСО), како глобална мрежа на националните тела за стандардизација од 162 држави од сите региони во светот, има објавено 21.542 меѓународни стандарди и поврзани документи. Со нив се покрива работењето во речиси сите индустрии, технологија, здравство, безбедност на храна, земјоделство, енергетика…