Македонија

ССК на 9. Светски коморски конгрес во Торино

ССК на 9. Светски коморски конгрес во Торино

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) традиционално и годинава заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ)  ќе бидат дел од 9. Светски коморски конгрес што од денеска до 12 јуни се одржува во Торино, Италија.

Светскиот коморски конгрес е организиран од страна на ICC World Chambers Federation. Има учесници од 120 земји од целиот свет, 1600 претставници на стопански комори, а ќе се обратат и над 100 говорници лидери во своите области. Конгресот се одржува секои две години во различни региони од светот.

Светскиот коморски конгрес е единствениот меѓународен форум за здржување на коморите и бизнис – лидерите и претставува одлична можност за споделување на практични искуства, размена на идеи, интернационално проширување на бизнисот, воспоставување на нови контакти со коморите низ целиот свет.

– Како спонозори на Светскиот коморски конгрес се заложуваме за успешна промоција како на нашата земја, така и на компаниите кои на овој начин имаат дополнителна можност за поголема презентација. Исто така, веќе се договорени и состаноци за бизнис поврзување и остварување на потенцијални бизнис партнерства со претставници на најголемите компании на глобално ниво“, изјави претседателот на ССК Данела Арсовска, пренесува МИА.

Невенка Стаменковска од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот  посочи дека традиционално и годинава го поддржуваат Светскиот коморски конгрес.

– На конгресот на едно место се собрани најголемите брендови од целиот свет и претставува одлична можност за промоција на инвестициските потенцијали на Република Македонија. Во текот на денот предвидено е да оствариме состаноци со претседателите на коморите од Канада, Велика Британија и Ирска, од каде имаше голем интерес за нашата земја, изјави Стаменковска

ССК и Агенцијата беа дел и од 8. Светски коморски конгрес во Доха, Катар, додека 10. конгрес, предвидено е да се одржи во Сиднеј, Австралија.