ССК со договор за бизнис соработка на пет континенти

Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) со претставници на бизнисот од најголемите светски компании на пет континенти оствари договор за интернационално поврзување. Во рамки на 9. Светски Коморски Конгрес во Торино, Италија, претседателот на ССК, Даниела Арсовска, оствари средба со претседателите на водечките стопанските комори на Дубаи, Сиднеј, Токио и домаќинот на конгресот – Торино.

На средбите се разговараше за потенцијалите за соработка, бизнис поврзувања како и  посета на делегација на бизнисмени од нашата земја во Сиднеј, кој ќе биде домаќин на следниот Светски Коморски Конгрес.

-Секоја земја има своја специфика и таргет во бизнисот, при што на реализираните средби разговаравме за конкретни  можности за соработка со дел од најголемите компании во светот. Со претседателот на комората од Торино, Винчензо Илоте,договоривме посета во Скопје и дискутиравме за заедничко учество на меѓународни тендери особено во делот на инфраструктура и градежништво. Градоначалниците на Скопје и Торино веќе имаат потпишано Договор за пријателство и соработката, а со соработка меѓу коморите дополнителено се зајакнува конекцијата за бизнисмените од двете земји, изјави Арсовска.

Сојузот на стопански комори на Македонија традиционално и годинава заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се спонзори на  9. Светски Коморски Конгрес во Торино, Италија – единствениот меѓународен форум за здржување на коморите и бизнис – лидерите.