ССМ: Безбедноста при работа е на ниско ниво

Со иницијатива за измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа, Сојузот на синдикатите на Македонија в четврток ќе го одбележи 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, информира денеска на прес-конференција претседателот Живко Митревски.

За обезбедување безбедни и сигурни работни места, тој посочи дека покрај претставник за безбедност при работа од компанијата во спроведувањето на сите активности треба да има и претседателот на синдикалната органзиација.

„Ингеренциите да ги има и претстедателот на синдикалната организација и преку него да обезбедиме соодветно место во рамки на спроведувањето на сите активности кои ги има не само претставникот за безбедност, туку да ги има и претседателот на синдикалната органзиација, почнувајќи од неговото присуство при донесување на плановите, изјавите, евиденциите, извештаите и обезбедување контрола од синдикатот при обезбедување мерки за безбедност и здравје при работа“, рече Митревски.

Целта на предложените измени и дополнувања на законот, како што нагласи, е да анимираат што повеќе членови, кои ќе одат кон активноста да ги обезбедат и осигуруваат работните места.

„Упатуваме порака, која и во услови на светска економска криза е насочена кон обезбедување здрави, стабилни, безбедни и сигурни работни места за работници во Република Македонија, додаде Митревски.

Сојузот на Синдикати на Македонија се приклучи и кон одбелеужување на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, при што нагласи дека безбедноста и здравјето на работа на работниците и сигурноста на работните места, претставуваат основа за обезбедување на сигурноста на работниците, за нивниот живот и за егзистенцијата на нивните семејства преку цела година.

Митревски потсети на донесените закони за минимална плата, за мобинг, за европски работнички совети, обезбедување на трите стратешки столба за сите работници со цел да не може никој да биде отпуштен масовно, да не може да биде намалена платата и да не биде зголемена пензиската граница.