ССМ избира лидер на вонреден конгрес, ETUC се заканува со негово исклучување од членството

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во саботата денеска на вонреден конгрес во Охрид ќе избира нов претседател, а единствен кандидат за оваа функција е актуелниот в.д. претседател Дарко Димовски, кој доаѓа од синдикатот на СУТКОЗ, меѓутоа Европската конфедерација на синдикати (ETUC) предупреди дека ќе го исклучи ССМ од членство поради повторените постапки.

Дарко Димовски, актуелниот вршител на должност претседател на Сојузот на синдикати (ССМ) е единствениот кандидат за функцијата, одлучил на 3-ти ноември Советот на ССМ. За таа одлука „за“ гласале 35 членови од Советот, осум биле „против“, а три гласа се воздржани.

„Дарко Димовски, досегашен в.д претседател на ССМ, е единствен предлог за претседател на ССМ, согласно Статутот на ССМ, Предлогот за кандидат за претседател на ССМ за вонредниот конгрес на ССМ, донесен од Претседателството на ССМ и Одлуката за распишување на вонредни избори за избор за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија донесена од Советот на ССМ“, се вели во соопштението од Синдикатот.

Оттаму велат дека утврдениот предлог за претседател на ССМ во претходно спроведена постапка согласно критериумите, бил поддржан од 12 грански синдикати здружени во ССМ, односно од две третини од синдикатите здружени во ССМ во кои членуваат 43.288 членови.

Пецо Грујовски, кој поднесе исто така кандидатура, пак, вели дека е одбиен спротивно на статутот на ССМ. Советот и претседателство на ССМ ја прифатија кандидатурата на Димовски, а ги одбија кандидатурите на Пецо Грујовски, кој е претседател на УПОЗ, како и на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Ацо Антовски.

Меѓутоа, генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати (ETUC) Лука Висентини, пред престојниот вонреден конгрес во петокот упати уште едно писмо до ССМ во кое укажува дека се повторува постапката за избор на синдикален лидер како во времето на досегашниот претседател Живко Митревски и оти со тоа се блокираат демократските промени во Синдикатот.

„Вашето последно писмо ни даде чувство на ‘дежа ву’, бидејќи го користите истиот јазик како Митревски за почитување на правилата на постапките и масовната поддршка од гранските синдикати и така натаму. Како што рековме, ние од Вас очекувавме нов почеток и демократизација со измена на внатрешните правила правејќи ги истите поотворени со цел да се избегнат пречките со кои и Вие се соочивте’, вели Висентини во одговорот на писмото од в.д. претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Висентини наведува дека улогата на ETUC не е да поддржува или проценува еден или друг кандидат, туку да оценува колку се демократски и независни нивните членки.

„Од вашето писмо ние разбравме дека не Конгресот, туку Советот, е тој кој веќе ја усвоил една од најважните одлуки на ССМ и дека имате намера да продолжите со (да ги задржите сите) претходните постапки. Ова ќе го земеме предвид кога ќе го оценуваме процесот и неговите последици за членство во ETUC“, се истакнува во писмото на Висентини.