ССМ ја продолжува хуманитарната акција за помош на поплавените

Сојузот на синдикати на Македонија денеска најави дека дополнително ќе помогне со финансиски средства за поплавените семејства од невремето во скопскиот регион.

Претседателот на ССМ Живко Митревски изјави дека донеле одлука да ја продолжат хуманитарната акција за помош на поплавените и ги повика членките на синдикатот да се вклучат во акцијата.

– Донесовме одлука да продолжи нашата хуманитарна акција и дополнително да вложиме финансиски средства како помош за настраданите. Ги повикувам и институциите, претпријатијата и останатите синдикати да се вклучат во оваа акција со цел да овозможиме дополнителен прилив на средства кои ќе овозможат порелаксирано разрешување на состојбата во поплавените региони, рече Митревски.

Заклучно со вчерашниот ден на сметката на Црвениот крст се собрани над 740 илјади евра, а поради интерес за донирање на парични средства и реализација на веќе најавени донации од правни субјекти, хуманитарната акција е продолжена до 29 август.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити најави дека по завршување на акцијата, средствата ќе бидат префрлени линеарно на сметките на граѓаните погодени од поплавите.

– Тоа значи дека секое семејство кое ќе фигурира на списокот како настрадано и со последица од поплавите, ќе добие хуманитарна помош затоа што нашите средства се помош, а не се компензација, изјави Саити.

Апелираше до сите хумани луѓе и компании да донираат до крајот на акцијата.