ССМ: Продолжуваат лагите на самонаречениот ВД претседател Димовски

Самонаречениот претседател В.Д. Димовски, откриен во лагите и фалсификатите кои ги направи во содејство со техничката министерка Ременска, соочен со неколку кривични дела за кои треба да одговара, соочен со поддршката на 13-те грански синдикати, кои му ја изразија оваа поддршката на легитимно избраниот претседател Митревски и раководството на ССМ на последниот Конгрес, прави обид да ја заташка оваа афера, лажирајќи нова, со тврдењата дека Митревски се меша во работата во синдикатот на СУТКОЗ, реагираат од ССМ.

Во продолжение во целост ви ја пренесуваме реакцијата од ССМ:

Македонскиот народ има низа поговорки, една од нив е „на лагата  и се кратки нозете“ и „мувата на капата“. Очигледно е дека на самонаречениот В.Д. претседател, му се отвораат нови докази за фалсификување на волјата на членството па истиот во паника сам си признава дека се соочува и со низа прашања на кој начин тој станал „претседател“. Одговорите за новата афера во кој самиот е сплеткан треба да ги бара и да одговара пред сопственото членство, а не кај Митревски. Наместо како претседател на СУТКОЗ, ако е и таму избран на соодветен начин, да започне со синдикална активност и да се запраша до каде е состојбата со колективните договори, каква е состојбата со платите, со регресот, тој упорно се занимава по налог на неговите партиски сојузници со Митревски.

Очигледно дека партиските налози кои ги добива, а со цел да провоцира афери и да инволвира личности кои прв пат слушаат за некаква вмешаност во некој ваков случај, или можеби занимавањето со приватен бизнис, не му оставаат време да се појави на работа и да започне нешто синдикално да работи.

Согласно статутот на ССМ, претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, ниту е надлежен, ниту имал намера, ни се меша, во внатрешната волја на членството на синдикатите. Во овој момент наместо да се фокусира на афери, претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и 13-те грански синдикати фокусирани се да решаваат работнички права и интереси, да помогнат во остварување на нивните права, да се добијат плати, надоместоци, да се спроведе кампањата за регрес за годишен одмор, да се примаат одредени бонуси пред Нова година и сл.

Тоа е тој фокус кон кој се фокусираат правите синдикалци, а не кон измислени афери и фалсификати.

Тоа е таа лекција по синдикализам која треба да ја научи самонаречениот В.Д. претседател, а не, правење на конструкции, спроведување на партиски налози за фалсификување на исправи, лажно претставување, злоупотреба на службена положба и други кривични дела, за кои ќе одговара пред лицето на правдата и пред синдикалното членство.