ССНМ и СЕММ го осудија нападот врз новинарската екипа на А1 он

семм

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот на етика во медиумите (СЕММ) го осудија синоќешниот напад врз новинарската екипа на А1 он.

Синдикатот бара полицијата во најкраток можен рок да ги пронајде напаѓачите и да го расчисти инцидентот, бидејќи ова не е прв пат да се претепуваат новинари и она што најмногу загрижува е што најчесто напаѓачите остануваат неказнети, се наведува во реакцијата на ССНМ.

Оттаму бараат членовите на иницијативата за Заедничка Македонија да направат се што е во нивна можност овој инцидент да не се повтори и да им овозможат на новинарите да си ја вршат работата.

СЕММ Лого

Според Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), ова не е изолиран инцидент, а трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем.

СЕММ бара итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и да се преземат неопходни мерки за разсветлување на инцидентите.

Неказнивоста на нападите врз медиумите е недозволива, се вели во реакцијата, а безбедноста на новинарите мора да биде подобрена и ослободена од какви било закани и притисоци.

Од друга страна, Советот за етика во медиумите забележува дека во изминативе неколку денови се’ почести се случаите на злоупотреба на улогата на медиумите и нивно искористување како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството. Ги повикуваме новинарите и уредниците на нивната значајна и одговорна улога, особено во контекст на сегашната политичка ситуација, и примена на улогата на смирувачи на тензиите, посебно во случаите кога се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата, наведува СЕММ.

Оттаму посочуваат дека досега имаат добиено околу 200 жалби за неопфесионално известување на медиумите и најавуваат дека и во иднина ќе го набљудуваат начинот на информирање во медиумите. Ги повикуваат новинарите доследно да го почитуваат Кодексот на новинарите.