ССНМ: Упадот во „Канал 103“ е директна цензура

Станува збор за директна, груба цензура која комплетно ја соголува драматичната состојба со слободата на информирањето во МРТ, реагира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), за упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на радиото „Канал 103“.

– Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата – реагира синдикатот.

ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТ или на приватна компанија за обезбедување?

ССНМ за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите.

Исто така ССНМ по вчерашниот инцидент искажа јавна поддршка на акциите и протестите за начинот на работата на јавниот сервис и ги повика сите новинари и медиумски работници целосно да се солидаризираат со колегите во МРТ и да го искажат својот револт за состојбата во која се доведени нашите колеги.