ССНМ: Започнува штрајкот во МПМ

На Денот на македонското новинарство, 17-ти февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, најголем дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време.

Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.

Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи. Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Повеќе од една година поради ваквата состојба платите почнаа да доцнат, и да се исплаќаат надвор од законскиот рок, со што вработените новинари и медиумски работници се скратени за плата и половина и се доведени од свој џеб да го финансираат опстојувањето на весниците. Покрај ова, сопствениците и менаџментот од почетокот на годинава ја прекинаа секоја форма на социјален дијалог и останаа глуви на барањето на новинарите за средби и за договори, посочуваат од ССНМ.

За членовите на синдикатот во вакви услови штрајкот е последниот начин на борба за остварување на правата од работниот однос. Штрајкот е неограничен, а ќе се одвива етапно и согласно законот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.