Стабилна епидемиолошката состојба во тетовско

Стабилна епидемиолошката состојба во тетовско
Стабилна епидемиолошката состојба во тетовско

Епидемиолошката состојба во тетовскиот регион е стабилна и континуирано се преземаат сите противепидемиски мерки од страна на надлежните установи.

Појава на заразни заболувања нема, соопшти Министерството за здравство.

Според резултатите од испитувањата во Тетово, каде што е воспоставена континуирана дезинфекција на градската водоводна мрежа, и во населените места Лешок и Непроштено, водата за пиење е исправна, додека во останатите рурални подрачја зафатени со поплавите, водата е неисправна и забранета за пиење.

Дезинфекција на 25 илјади метри квадратни

Извршена е дезинфекција на површина од околу 25.000 метри квадратни, постојано се делат таблети за дезинфекција на водоснабдителните системи, а се врши и едукација на населението со препораки за заштита на здравјето.

По појавата на поплавите во овој регион, не е регистриран зголемен број на интервенции или повици во здравствените установи, а само во неколку изолирани случаи медицинските екипи реагирале со пружање симптоматска терапија кај лицата. Редовно се врши и надзор на водоснабдувањето и се земаат мостри на вода за пиење од ризичните подрачја, информира Министерството и додава дека надлежните установи постојано ја следат состојбата и здравствениот систем е целосно подготвен да одговори на потребите за здравствена заштита.

Министерството за здравство потсетува на дел од препораките за заштита на здравјето на населението во поплавените подрачја – да се користи пакувана, превриена или дезинфицирана вода за пиење, за миење на забите, миење и подготовка на сирова храна, како и за миење на садовите, водата да се преврива, рацете да се мијат со сапун по чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, по доаѓање во допир со детски измет и по одење во тоалет, да не се користи храна која била во допир со вода од поплавите.

Се препорачува и да не се јаде храна која била во фрижидер или замрзнувач ако струјата е исклучена, сварената храна и намирниците кои можат да се расипат задолжително да се чуваат во фрижидер, секоја храна да биде добро термички обработена на над 70 степени целзиусови и зготвената храна да не се остава подолго од два часа на собна температура.

Во случај на појава на послаби симптоми на гадење, повраќање, дијареа, односно симптоми слични на грип, висока температура, главоболки, кашлица или вртоглавица, како и при каснување од некое животно, лицата треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во дежурна служба.

Едукативни флаери со препораките за заштита на здравјето на населението континуирано се дистрибуираат во ризичните подрачја од страна на екипите на Центар за јавно здравје – Тетово.