Стабилна состојбата на водостоите и реките

Дирекцијата за заштита и спасување информира дека состојбата со водостоите и реките во Р.Македонија е стабилна и не се забележани проблеми дури ни на критичните места.

Умерено зголемено ниво на водата е забележано во Преспанско Езеро, покачен е водостојот на реката Црна кај Бучин, но без опасност од излевање.

Во Кумановскиот регион минатата ноќ паднале 5,7 литри на метар квадратен дожд, што според ДЗС не преставува поголема опасност за подигање на водостојот на реките.

– Потенцијална опасност претставуваат браните Глажња (капацитет 25.000.000 м3) и Липково, но и низ градот Куманово, до спојувањето со Којнарска река. Тие се блиску до прелив, па затоа Водостопанство „Кумановско и Липковски поле“, врши контролирано испуштање на водата, но истовремено и општина Куманово врши прочистување на критичните точки на реката, што негативно влијае врз можниот проток на испуштање на водата. Подрачното одделение во Куманово со години наназад укажува на оваа мерка испуштање на браните, усно и писмено со Водостопанство Куманово, информира ДЗС.

Покачен водостој, без опасност од излевање има и кај вештачките акумулации Трстеник-1, Борино-1 и 3 и Крушевско езеро. Нивото на Охридското Езеро е 693,24 сантиметри, а максималното ниво е 693.75 сантиметри, односно половина метар под максималната точка.