Стадемаер си најде нов клуб, продолжува со Мавси

Амаре Стадемаер, довчерашниот кошаркар на Њујорк Никс веќе си пронајде нов клуб.

Одличниот центар до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Далас Маверикс, тим со кој ќе има можност да се бори за НБА титулата. Пред еден месец во клубот пристигна и Режон Рондо, а таму веќе играа Монта Елис, Дирк Новицки, Тајсон Чендлер, Чендлер Парсонс итн., што го прави еден од најмоќните тимови во лигата, барем според играчкиот ростер.

Според американските медиуми кои ги пратат приликите во НБА лигата, веќе има устен договор помеѓу Стадемаер и сопственикот на “маверикс”, Марк Кјубан, а деновиве се очекува и официјално да биде потврден овој договор. Прв меч на Далас по паузата за Ол стар викендот е оној против Оклахома Сити Тандер дури в четврток, што значи дека има доволно време да се заврши работата.

Крилниот центар беше член на Њујорк Никс четири и пол години и за тој период одигра 255 натпревари со просек од 17,3 поени и 6,7 скока. Деталите околу договорот со Далас Маверикс ќе се знаат во следните денови.