Стаменковска: На картелите на Заеви и Анѓушев бизнисите им цветаат бизнисите

Владата на Социјалдемократскиот сојуз се претвори во комерција на фирмите на Заеви и Кочо Анѓушеви, каква потреба имаат овие фирми, таква одлука носи владата во која Зоран Заев е премиер, а Кочо Анѓушев е вицепремиер, кажа Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Стаменковска прашува како поинаку да се толкува фактот дека Владата донела одлука спротивно на законските ограничувања за овој период, со кој ги чести Анѓушев со пренамена на земјиште. Таа напомена дека повиканите молчат за овој скандал со кој земјоделското земјиште на Анѓушеви се пренаменува во градежно и со тоа десеткратно му се зголемува вредноста.

„Ова е веќе работа на надлежните институции за истрага на криминалот. Владата по распишувањето на локалните избори носи одлука за пренамена на земјоделско земјиште во сопственост на Анѓушеви во градежно и со тоа му се зголемува вредноста, односно се зголемува богатството на Анѓушеви. Дополнително им се овозможува на фирмите на Анѓушев ‘Energy delivery solutions’ и ‘Hidro holding’ односно ‘Мали Хидроелектрани Тополки ДОО’ да градат и на тој начин да си го шират семејниот бизнис’, рече Стаменковска.

Додаде дека ова не се брани, дека ова е класичен пример на искористување на позициите во владата за да се излобира погодност за своето семејство и за фирмите на Анѓушеви.

„Фирмите на Анѓушев се во сериозна конкуренција на фирмите на Заеви кои имаат план да ја поседуваат цела Македонија. Јавноста отворено прашува како овие два картела ги имаат поделено бизнис интересите. На овие два картели бизнисите им цветаат на грбот на граѓаните и тоа ќе биде казнето на претстојните локални избори. Граѓаните ќе застанат на патот на оваа алчност и на ова лудило на владата на Социјалдемократскиот сојуз и многу скоро ќе им ја испорачаат сметката изразена во катастрофален пораз“, заклучи Стаменковска