Стаменковска: Заев работи на партизирање на судството кое нема да го гони

Премиерот Зоран Заев и неговата владејачка СДСМ на големо работат на планот комплетно да го партизираат судството во Македонија, затоа што посакуваат судство кое нема да ги гони за криминалите во кои се фатени на дело, истакан на прес-конференцијата во вторникот Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Стаменковска рече дека визијата на СДСМ за реформа на македонското судство се состои од тоа да се има судство кое ќе спроведува само партиски нарачки и политички прогон на неистомислениците.

„Затоа СДС максимално се труди во целост да го партизира судството и да го стави под своја контрола, исто како во 1997 година кога во една минута со една скандалозна одлука СДС промени 617 судии во Република Македонија“, потсети претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, неоспорен доказ за ваквиот план на СДСМ е, како што Стаменковска го нарекува, Фркчовистичкиот совет за таканаречни реформи во судството преку кој Заев има намера да овозможи поставување свои послушници кои ќе ги спроведуваат неговите нарачки.

„Него ќе го ослободуваат од вина за тешките криминали кои ги сторил, а ќе ги гонат без докази и факти неговите неистомисленици и ќе бараат притвори и затворски казни за нив“, рече Стаменковска.

Посочи дека во споменатиот совет биле вклучени покрај лустрираниот Љубомир Фрчкоски „кој во режимот на СДС своевремено се занимаваше со политички местенки и прогони на луѓе само заради нивните политички определби“ и претседателката на Комисијата за политички систем на СДСМ, Маргарита Цаца Николовска, за која оцени дека треба да го реформира судството според насоките на нејзиниот лидер.

„Заев во овој совет за антиреформи ги намести и Гордан Калајџиев и Мирјана Најческа кои заедно со него фрлаа со боја врз државните институции. Во советот за реформи нема ниту еден претседател на најголемите судови во Република Македонија, вклучувајќи го и претседателот на Врховниот суд“, истакна Стаменковска.

Според неа, јасно е дека СДСМ нема намера да работи за подобра и независна судска власт, туку за судство кое ќе овозможи партијата да ја направи држава, а државата партија.

„Зоран Заев не признава судство кое го гони него за случајот ‘Поткуп’ во кој е фатен на дело како бара стотици илјади евра од струмички бизнисмен. Такво судство Заев сака да види во цела Македонија“, додаде.

Стаменковска рече и дека ваквиот совет на СДСМ има цел „целосно да го покори“ правниот систем во земјата, да ги понижи судиите и да ги натера „да му се поклонуваат на Зоран Заев за да можат тој и партнерите непречено да го спроведуваат своето црно сценарио во Македонија преку режимот кој го инсталираат во моментов“.