Стаменковска: Законите се злоупотребуваат, а правата на граѓаните се ускратуваат

Загрижува состојбата со владеење на правото во Република Македонија. Законите се злоупотребуваат, а правата на граѓаните се ускратуваат, истакна Невенка Стаменковска на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во петокот.

„Раководните органи во администрацијата под водство на СДСМ им даваат на вработените во државната и јавната администрација предлог спогодби и изјави со кои вработените треба да потпишат дека доброволно се откажуваат од правото на додаток на плата за степен на кариера, како и од доспеаните камати за неисплатените побарување настанати до 12.02.2015 година. Ова се прави со цел одвраќање на вработените од тужба и настапување на рокот на застареност од три години, кој навршува за 3 дена. Овие спогодби кои им се нудат на вработените се ништовни и се во директна спротивност со стариот закон за државни службеници и по новиот закон за административни службеници. Потпишувајќи ваква спогодба државниот службеник се откажува и од додатокот на плата кој му следи по основ на додаток на кариера“, истакна Стаменковска.

Порача дека Комисијата за администрација на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува вработените во администрацијата да не ги потпишуваат овие спогодби, бидејќи не ги гарантираат нивните права.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите државни службеници кои ги исполнуваат условите согласно со закон најдоцна до 12.02.2018 година да поведат постапка за остварување на своето право за степен на кариера. Ваквите спогодби се ништовни и истите не произведуваат правно дејство. Ваквите спогодби не ги обврзуваат потпишаните страни, односно властите не се обврзани да го исполнат предметот на договорот. Овие спогодби само ќе ги спречат вработените во администрацијата да ги остварат своите побарувања на суд“, рече таа.

Стаменковска запраша дали се врши ли притисок врз вработените во администрацијата на овој начин, како и дали власта врши мобинг врз администрацијата.

„Комисијата за администрација на ВМРО-ДПМНЕ го повикува инспекторатот за труд да преземе мерки за заштита на вработените. Во исто време го повикуваме Народниот правобранител да се запознае со ситуацијата и да преземе мерки за заштита на вработените и нивните права. Ги повикуваме и синдикатите како УПОЗ, КСС и другите синдикати да ги заштитат вработените. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите лица кои што се изложени на прогон и имаат потреба од правна помош да се обратат до правната комисија на партијата, каде ќе им биде пружена адекватна правна помош. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека сите кои што ќе извршат противправни дејствија и ќе предизвикаат материјална штета која подоцна ќе произлезе од таквите дејствија ќе одговараат согласно закон“, подвлече Стаменковска.