Стамов: За Дојран повеќе не може да се каже дека е заборавената општина од јужното ќоше на Македонија

Во 2013 година граѓаните избраа дела, и гласаа за програма со 83 проекти. Денес, можам да кажам дека скоро во целост се реализирани сите проекти од програмата. Мандатот го завршувам со над 120 реализирани проекти, кои дел од нив не беа планирани, но на барање на граѓаните, посветеноста на вработените од општината, како и на поддршката од Советот, се остварени, истакна градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов на денешната прес-конференција, на која даде отчет за сработеното.

Изминативе 4 години беа доста динамични, но и ограничувачки во нашата работа, што од избори и технички влади, политички кризи, но и бевме мета на силна негативна кампања. Сепак во овој мандат на градоначалникот и советот, се реализира и се инвестира во Дојран повеќе, отколку сите останати 16 години заедно, од кога постои Општина Дојран. Дојран целосно го промени својот имиџ и стана атрактивна општина и за живеење и за инвестирање. За поддршка на локалниот економски развој, донесовме 7 урбанистички планови, а во финална фаза се исто толку, со кои е опфатено урбанизирњето на сите населени места, локации за винарии, хотели, викендици, домување, туристичко-развојни зони и индустриска зона, рече Стамов и додаде:

Патната инфрастуктура значително се подобри. Реконстуирани се двата регионални п.равци, Фурка – Дојран во должина од 15км, како и патниот правец Николиќ – Нов Дојран во должина од 5.5км, а безбедноста е подобрено и со осветлувањето на раскрсницата кај Николиќ, патот помеѓу Нов и Стар Дојран и влезот од граница до Стар Дојран. Со сопствени средства, реконстуиравме 19 локални улици во сите населени места, со вкупна должина од 7.8км. Изградивме три мини-плоштади во Фурка, Црничани и Ѓопчели. Ги поврзавме Нов и Стар Дојран со атрактивна рекреативна пешачка и велосипедска патека во должина од 3км, рече Стамов

Ги подобривме услугите, додаде Стмов, кои ги добиваат граѓаните од јавното комунално претпријатие. После 1980 година, набавивме ново возило за собирање смет, а исто така набавивме и багер.

Го модернизиравме водоводниот систем за Нов и Стар Дојран со изградба на шахти со мерно-регулациона опрема и воведување на каскаден систем. Ја реконстуиравме пречистителната станица за отпадни води и ја реконстуиравме главната колекторска линија со 10те препумпни станици и го зголемивме нејзиниот капацитет. Изградивме повеќе од 2400 метри нова канализациона линија. Подобрување на условите во образованието секогаш ни беше приоритет. Го реновиравме училиштето во Николиќ, и го уредивме школскиот двор. Изградивме три спортски игралишта во школските дворови во Црничани, Ѓопчели и Стар Дојран. Централното училиште во Нов Дојран доби школски двор каков што заслужува, и опремивме сензорна соба за децата со посебни потреби. Општина Дојран во 2015 година ја доби првата детска градинка. Поранешниот интернат го реконструиравме и пренаменивме, и денес имаме една од најубавите градинки во регионот за 50 дечиња.Опремена е со модерна и најсоодветна опрема според сите современи стандарди за згрижување на децата од предучилишна возраст, посочи Стамов.

Условите за спорт и бројот на спортските терени во општина, рече тој, денес и пред 4 години е неспоредлив.

Изградивме две повеќенаменски игралишта во Фурка и Николиќ, каде то младите воопшто немаа каде да спортуваат. Во Стар Дојран се изгради вистински спортски комплекс со игралишта за тенис, фудбал, кошарка, како и фитнес зона. За најмладите изградивме 4 детски игралишта во Стар Дојран, Фурка и Николиќ. Како општина даваме поддршка на фудбалските клубови кои ги води Благој Истатов, и вложеното се исплати. Дојран има женски фудбалски првак во Македонија, и деновиве игра квалификации за лига на шампиони. Тоа е нешто што секоја општина би го посакала и искрено му честитам на Истатов за постигнатото, рече.

Во поглед на туризмот, потенцира Стамов, Дојран изминатите години рушеше рекорди во посетеност и силно верувам дека развојот ќе продолжи и понатаму.

Успехот кои го имавме на овој план е плод на инвестициите во туризмот, силната промоција и заедничката работа на локалната самоуправа со угостителските и туристички работници. Во 2013 година ги категоризиравме сите издавачки објекти и изработивме регистар на издавачи. Уредивме 5 плажи, три во Стар Дојран (градска, карач, елем), калдрма во Нов Дојран, и од неодамна е готова и плажата во близина на Николиќ. Од годинава во Дојран функционира и природо-научен музеј, кој е гранка на Природо-научниот музеј на Република Македонија и претставува збогатување на туристичката понуда во Дојран. Од областа на културата мора да го потенцирам и реконстуирањето и конзервацијата на симболот на Дојран, црквата Св. Илија. Културните настани и манифестација станаа белег на Дојран и за тоа добивме признание во 2016 година кога бевме прогласени за Град на културата. Досадните Дојрански ракувања, денес се Дојранско културно лето, манифестација која трае во текот на целото лето, а не десетина денови. Во последните 4 години скоро и да нема артист, пејач, актер или групи кои значат нешто на македонската сцена, а да не настапувале во Дојран. Дадовме силна поддршка на Д-фест, и денес го имаме најдобриот летен фестивал во Македонија, додаде дојранскиот градоначалник.

Стамов истакна дека во Општина Дојран има уште многу работа и проблеми за решавање.

Во 2013 година реков дека не можеме сите проблеми да ги решиме, тие се таложеле со години и за подобрување на целокупната инфрастуктура се потребни неколку мандати. Но денес, можеме да погледнеме наназад и да потврдиме дека со посветена работа, решивме голем дел од нив, постигнавме многу. Сето тоа е резултат на работа која носи подобро. За Дојран, повеќе не може да се каже дека е заборавената општина од јужното ќоше на Македонија, напротив, Дојран денес е општина која брзо се развива и стана една од поинтересните дестинации за инвестирање во Македонија. На овој начин сакам да ја изразам својата благодарност до граѓаните од Дојран за укажаната доверба, во мене, во мојата младост и во вербата во иднината, заклуи Стамов

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.