Стана ли и Таравари „министер за смрт“?

Вчера почина 15-годишно девојче од гостиварско Долна Гуновица, во возило на Брза помош, при транспорт кон Ургентниот центар во Скопје.  Трагедија која го зави во бескрајна болка нејзиното семејство. И додека јавноста, сочувствувајќи со случајот, се обидуваше да ја разјасни дилемата околу тоа дали постои човечки фактор виновен за смртта на девојчето и како е можно од болка во стомакот да почине во амбулантното возило со медицински персонал околу неа, од Министерството за здравство нема никава официјална информација.

Иако е премногу недолично и бизарно смртта да се искористува за каква било цел, а особено за политичка, молк и од тие кои со години слични моменти дрско користеа за стигматизација на министерството за здравство, особено на поранешниот министер, Никола Тодоров.

Преку ноќ, гласната група, борци за секакви права кои „грмеа“ на социјалните мрежи и организираа протести за смена на „министерот за смрт“, како што го нарекуваа Тодоров, го исклучи тонот. Некако искрата за правичност во нив згасна, па нема веќе критички перцепции, сомневања и дилеми дали некој треба да одговара за смртта на девојчето.

Нема барање на оставки, нема прес конференции… Премногу зачудувачки, не дека така налага логиката на нештата, туку дека со години јавноста беше бомбардирана од „гласноговорници“ за кои сега станува јасно всушност каква правда сакале да истераат.

Безмилосно, но сосема со право може да се каже дека за сите овие години и во сите нивни „битки“, ниту една болка од изгубен живот искрено не ја почувстввале. Безобразно дури ги манипулирале и семејствата на покојните, со една егоистична и болноумна мотивација за некаква политичка агенда, која очигледно веќе е добиена и е ставена во шема.

Токму со некрофилската хистерија, лаги и манипулации апологетите на Заев водеа жестока кампања против поранешниот министер Тодоров, не бирајќи средстава и начин. Кулминација беше обидот за убиств врз Тодоров, дента кога требаше да ја предаде функцијата на новиот министер, Арбен Таравари.

„Нетпрес“ постави прашање до кабинетот на Таравари, дали министерот ќе поднесе некоја одговорност во случајот со смртта на ова девојче, како и за информација за причната за нејзината смрт.

Одговорот, како официјален став на министерството за овој случај ви го пренесуваме во целост:

Министерството за здравство информира дека во врска со случајот со петнаесетгодишното девојче од Гостивар се преземаат сите законски мерки, кои се во надлежност на Министерството, со цел комплетно испитување на случајот.
За таа цел, веднаш е формирана комисија за стручен надзор, согласно Законот за здравствена заштита, со претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и доктори од соодветните специјалности.
Комисијата од стручен аспект го анализира целокупниот третман на пациентката, почнувајќи од приемот во Општа болница Гостивар и транспортот со возилото на Итна медицинска помош, за да се утврди дали во целост е постапено согласно медицината базирана на докази при третманот на пациентката.
По извршениот стручен надзор, извештајот од Комисијата се доставува до сите надлежни институции.