Стандардите за кавалитет во образованието треба постојано да се надградуваат

Пакетот предлог-реформи, пред сѐ стимулативни, се однесува на сите сегменти од нашиот образовен систем и тој е произлезен од реална потреба, препознаена врз основа на една сеопфатна анализа и конструкција на натамошната траса за градењето општество базирано на знаење, како основа и за вкупниот економско-социјален развој на земјата.

Заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, во интервјуто за неделникот „Република“ зборува за потребите од пакетот реформи во образованието, за начинот на кој ќе бидат спроведени новите мерки и за очекувањата. Ристовски, исто така, ги објаснува и аргументите за воведувањето државен испит, одговара на обвинувањата за нарушување на автономијата на универзитетите и во исто време ги повикува сите засегнати да придонесат за успешно спроведување на реформите со предлагање идеи во насока за подобрување на квалитетот на образованието.

Владата понуди прилично обемен пакет-мерки, кои се однесуваат на образовниот систем. Зошто толку многу новини?

РИСТОВСКИ: Образованието е сфера што никако не смее да трпи застои. Еднаш поставените стандарди за квалитет, мора континуирано да се надградуваат следејќи ги современите образовни трендови. Како влада сме исклучително решителни во тој дел затоа што Република Македонија е земја што не изобилува со огромни природни ресурси, нафтени полиња или, пак, долги песочни плажи, така што тоа нѐ ограничува кога е во прашање настапот на глобалниот пазар. Таму можеме да се натпреваруваме само со степенот и со нивото на понуденото знаење. Немаме алтернатива. Пакетот предлог-реформи, пред сѐ стимулативни, се однесува на сите сегменти од нашиот образовен систем и тој е произлезен од реална потреба, препознаен врз основа на една сеопфатна анализа и конструкција на натамошната траса за градењето на општество базирано на знаење, како основа и за вкупниот економско-социјален развој на земјата.

Се чини дека промените во најголем дел се однесуваат на образованието на идните наставници. Дали тоа значи дека промените таму се најнеопходни?

РИСТОВСКИ: Квалитетот на образовниот систем зависи од повеќе детерминанти. Но, лично сметам дека најголема улога има човечкиот фактор. Кога говорам за човечкиот фактор, пред сѐ мислам на наставниците, професорите и на стручниот кадар на сите образовни нивоа. Во изминатиот период  често слушавме коментари дека не секогаш најдобрите ученици се запишуваат на педагошките факултети. Дека дел од нив се студенти што не успеале да се запишат на некој друг факултет, каде што претходно конкурирале. Бевме сведоци дека дури ни по три уписни рокови квотите на овие факултети не беа целосно пополнувани. Од друга страна, секојдневно слушаме критики од учениците и од родителите за одредени наставници, за лошиот начин на предавање, недоволна грижа кон децата и посветеност во нивната едукација. Решивме темелно да ја промениме таквата практика и констатации. Во таа насока, изработивме нов Закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и во средно образование. Во него јасно се дефинирани критериумите за упис на педагошките факултети, односно тоа да бидат студенти со просек од минимум 4,00 во средното образование. Предлагаме нова унифицирана студиска програма изработена од најдобрите професори и стручни лица во областа, со посебен акцент на практичната обука, како и примена само на најсовремената литература што се користи на највисокорангираните педагошки факултети во светот. За најдобрите студенти со просек од најмалку 8,00 во текот на студиите, ќе следува стипендија во висина од 50 проценти од просечната нето-плата кај нас. Дополнително, законот прецизно дефинира и кој може да предава теорија и практика на овие факултети.

Паралелно, за постојните наставници во основните и во средните училишта, изработивме нова законска регулатива, која, исто така, е стимулирачка и верувам дека ќе ги охрабри да вложуваат во себе и со тоа да придонесат кон издигнување на дигнитетот на професијата наставник. Новиот закон им овозможува напредување во звања на еден прецизен и отворен начин, но и континуирано стручно усовршување и напредок во кариерата.

Што се очекува од планираната академија за наставници?

РИСТОВСКИ: Формирањето посебна образовна установа – академија за наставници, е надополнување на реформите за кои зборував претходно, а во контекст на создавање нови поквалитетни наставници, но и подобрување на стручната компетентност на веќе ангажираните. Практично, секој студент произлезен од наставничките студии, за да се вработи во училиште, ќе мора да има лиценца. Академијата ќе биде таа што ќе издава лиценци, кои гарантираат работно место на сите студенти што по приемниот испит, се запишале и успешно ја поминале програмата за обука во траење од осум до 12 месеци, а која ќе биде изработена од Програмскиот совет во кој ќе членуваат и наставници од првите 50 највисокорангирани универзитети во светот во согласност со Шангајската листа. Предавачи на академијата ќе бидат врвни странски и домашни професори од соодветната област. Во меѓувреме, секој кандидат за обука ќе добива месечна стипендија, еден вид плата, во висина од 100 проценти од износот на просечната месечна нето-плата во земјата, или околу 21.000 денари. Многу е важно што академијата ќе биде отворена и, како што нагласив, за веќе вработените наставници, кои ако се пријават за обука и добијат лиценца, ќе добијат повисоки месечни примања за 3.000 денари. Со ова сакаме да ги стимулираме и нив да се вклучат и надградат.

Многумина се најдоа повредени од тврдењата дека во високообразовните институции недостига квалитет. Кои се главните аргументи што го потврдуваат фактот дека на образовниот систем му се потребни сериозни реформи ако сакаме од факултетите да излегува поквалитетен кадар?

РИСТОВСКИ: За нас како влада многу е важно мислењето на деловната заедница. Затоа што компаниите најдиректно ги чувствуваат предностите и маните на образовниот резултат. Практично, најголемиот работодавец во земјата е дециден дека на пазарот на трудот постои квалитетен избор на кадри, но не е доволен. За жал, дел од дипломираните студенти, кога ќе бидат работно ангажирани, покажуваат суштински непознавања на областа што ја студирале. А тоа иницира потреба за дополнителни обуки и курсеви, што за работодавецот е загубено време, но и дополнителен трошок. Има и многу други причини, но оваа е суштинската. Затоа и ги предложивме овие крупни измени.