Македонија

Стано: Филе не кренал раце од Македонија

Стано: Филе не кренал раце од Македонија

Европската комисија и комесарот за проширување Штефан Филе не кренале раце од Македонија и тие се уште прават напори земјата да напредува во европските интеграции, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Ова во изјава за МИА го порачува Петер Стано, портпарол на Филе, според кого најдобар доказ за посветеноста кон земјата се препораките што Комисијата пет години по ред ги издава за почеток на преговорите за членство во Унијата, што поради грчкото вето не се прифаќаат од Европскиот совет.

– Треба да се разбере дека Европската комисија е се уште посветена на тоа да и помогне на Македонија да испорача она што и е обврска во процесот на пристапување и најдобар доказ за тоа е редовниот прогрес-извештај на Еврокомисијата во кој ние од 2009 година, препорачуваме секоја година да почнат преговорите за членство. Посветеноста на комесарот Филе кон Македонија е покажана повеќепати, па само ќе потсетам на неговата посветеност во развојот на новиот инструмент, Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), за да се искористи времето кога ние не можеме да ги почнеме пристапните преговори, за да се продолжи со работа на реформите со Македонија, вели Стано.

Сепак, според гласноговорникот на Филе, од април минатата година, Пристапниот дијалог е блокиран и поради политичките проблеми во земјата, па речиси сигурно е дека новиот комесар Јоханес Хан ќе треба да одлучи дали ќе продолжи со ХЛАД-от, кој според Стано се покажал како мост кон официјалниот почеток на преговорите за членство.

– Не е прашање дали комесарот Филе кренал раце од Македонија, туку е прашање дали има услови во земјата за Европската комисија да продолжи со посветеноста и обидот да се искористи добрата волја, креативност и ентузијазам да и помогне на земјата да напредува, додава Стано.

Портпаролот на Филе вели дека додека она за што е загрижена Комисијата не добие соодветно внимание во Македонија, како што е слободата на медиумите или политичкиот дијалог, многу е тешко да и се помогне на земјата да напредува, доколку самата не сака самата да напредува. Тој, исто така, потсетува дека Пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија пред две години е почнат со цел да и се помогне на земјата во пристапниот процес и да се фокусира на клучните приоритети.

– Мислам дека на досегашните четири сесии од дијалогот до последната, која се случи во април 2013 година, се докажа дека овој инструмент може да биде многу корисен за напредок на земјата. Но, како и во се друго, потребни се двајца за танго и за несреќа по април 2013 година, немаше добри услови од македонска страна да се овозможи Комисијата да организира нова рунда од дијалогот, констатира Стано, според кого Високиот дијалог е еден вид на мост кон пристапните преговори и не е нивна замена, но треба да ја води и да ја подготви земјата за отворање на преговорите за членство.

Овој став на портпаролот на комесарот за проширување укажува дека и на 8-ми октомври, кога Еврокомисијата ќе ги објави најновите прогрес-извештаи за змејите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, неформалната Влада на Унијата уште еднаш, шести пат по ред, ќе му предложи на Европскиот совет да ги почне пристапните преговори со Република Македонија. Сепак, моќта и алатките на Комисијата завршуваат тука во однос на проширувањето, бидејќи земјите-членки се оние што со едногласност треба да одлучат за отворање на преговорите за членство, што поради ветото на Грција, шеста година по ред не проаѓаат кај шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите.