Станува ли Скопје опасно место за живеење

Последниов период, особено последните недели, е забележително зголемувањето на насилството во главниот град, а секојдневно билтенот станува сé пообемен и сé позастрашувачки, што го наметнува прашањето дали Скопје станува небезбедно место но ја прави и неопходна потребата од итно преземање мерки од страна на надлежните институции.

„На 02.10.2017 година во 23.40 часот во Единица за информации и команда Скопје, М. Д. од с.Сарај пријавил дека во 23.30 часот во неговиот двор била фрлена експлозивна направа која експлодирала и направила оштетувања на куќата и неговото возило. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 03.10.2017 година околу 01.40 часот на ул. „Варшавска“ во Скопје, од засега непознати причини, избувнал пожар при што целосно било опожарено патничко возило „БМВ Х5“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.Ј. од Скопје. Пожарот бил изгаснат во 02.25 часот од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.

Во периодот од 23.00 часот на 01.10 до 10.30 часот на 02.10.2017 година на ул. „Орце Николов“ во Скопје, непознат сторител испукал неколку проектили од огнено оружје кон паркирано патничко возило „Порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Т. од Скопје. Од проектилите било оштетено ветробранското стакло и дел од хаубата. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 02.10.2017 година во 19.40 часот во аптека на ул. „Московска“ во Скопје, две непознати лица извршиле разбојништво врз вработените. Сторителите со закана со пиштол од касата ги одзеле парите од дневниот промет и побегнале во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот“, стои меѓу дугото во билтенот за последното деноноќие на СВР Скопје.

Меѓутоа, за жал, ништо поразлични не се содржините до дневните извештаи кои ја полнат рубриките „цнра хроника“ на медиумите. Фрлени бомби во дворови на семејни куќи, физички и вооружени напади со повреди нанесени со огнено и студено оружје на минувачи особено во вечерните часови, подметнување пожари на автомобили и домови, вооружени грабежи на аптеки и обложувалници, се речиси секојдневно присутни во споменатите билтени. Загрижувачки, исто така, е што во најголемиот дел од ваквите инциденти и предизвикувачите и жртвите се млади луѓе.

На ова ќе се придодаде и усвитената предизборна атмосфера, каква што со години наназад не ја паметиме, со искршени изборни штабови, претепувања па дури и застрелување на кандидати на претстојните локални избори, и засега најголемиот дел од нив нерешени од страна на полицијата.

И сето тоа заедно предизвикува чувство на непријатност и страв за граѓаните, а за неговото, барем намалување, секако одговорно се државните органи за спроведување на редот. Проблемот, секако, не е политички, меѓутоа јасно е и дека политиичката подобност а не професионализмот, за жал, се критериумите кои станаа клучни во екипирањето на споменатите служби и органи.