Стапи во сила историскиот договор со кој се уредува глобалната трговија со оружје

Историскиот договор, со кој се уредува глобалната трговија со оружје денеска стапи во сила. Овој важен настан беше поздравен од Обединетите нации и активистите, кои се борат за стопирање на продажбата на оружје на диктатори, терористи и прекршувачите на човековите права, објави МИА.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави вчера дека брзото стапување во сила на Меѓународниот договор за трговија со оружје, помалку од две години по неговото историско усвојување во Генералното собрание на ОН, е одраз на заложбите на државите, меѓународните организации и цивилното општество да се спречи неодговорниот трансфер на оружје.

Договорот од земјите кои го ратификуваа бара да создадат национални правила за контрола на трансферот на конвенционалните оружа и деловите за нив, а со него се уредува и дејноста на трговците на оружје.

Документот забранува трансфер на конвенционални оружја, доколку со тоа се нарушува ембарго или ако се помагаат актови на геноцид, криминал против човештвото и воени злосторства, како и доколку би можеле да бидат употребени за напад врз цивили или цивилни згради, како училишта и болници.

Досега 60 земји го ратификуваа договор, вклучувајќи пет од десетте водечки извезувачи на оружје во светот, Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија. Уште 129 земји го потпишаа, но не го ратификувале, а меѓу нив се и САД, најголемиот производител и извезувач на оружје во светот.

Бан ги повика сите земји, кои не го ратификувале дооворот да го сторат тоа најбрзо што можат.

Генералниот секретар на „Амнести интернешнл“ Салил Шети го определи договорот како историски напредок. Според него сепак тој сам по себе не е доволен и ќе биде потребна поголема поддршка и притисок за да се гарантира дека државите стриктно ќе го почитуваат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.