Стапија на сила новите европски правила за заштита на личните податоци

Во ЕУ од денеска стапува во сила новата европска регулатива за заштита на личните податоци, позната како ГДПР, која и им дава на корисниците поголема контрола врз сопствените податоци, а отсега наместо на 18 години, децата на 16 годишна возраст ќе можат да даваат дозвола дали нивните податоци ќе можат да бидат користени. Тоа значи дека родителите ќе мораат да ги прашаат своите деца дали моат да ги видат нивните оценки кои се водат о електронските дневници.

Вчера и македонските граѓани, кои се корисници на услуги на фирми, компании кои стопанисуваат во ЕУ добија меилови во кои се информираат за новите промени. Меѓу најважните се тоа што од сега компаниите ќе мораат со „јасен и прецизен“ речник да им ги објаснат правилата за приватност на корисниците, за разлика од досегашните долги и комплексни упатства, на кои најчесто корисници кликаат „прифаќам“ без да ги прочитаат.

Дополнително, корисниците ќе треба да дадат „афирмативна“ согласност“ за споделување на нивните лични податоци, додека до сега беше дозволено молкот да се смета за согласност, или пак условите за споделување на податоците да бидат скриени во долгите упатства за употреба на веб сајтовите.

Компаниите исто така ќе имаат обврска да ги информираат граѓаните кога нивните лични податоци се трансферираат надвор од ЕУ, но и да образложат за кои цели тие се трансферираат како и да му дадат можност на корисникот да одбие.

Корисниците се здобиваат со поголеми права пред моќта на технолошките гиганти на интернет. Па така, компаниите ќе мораат веднаш да ги информираат корисниците доколку била нарушена нивната приватност онлајн, а корисниците ќе имаат право и да ги побараат сите информации кои фирмата ги поседува за нив.

Со новата регулатива и националните тела за заштита на личните податоци добиваат засилена моќ. Додека досега тие имаат само ограничени можности за соработка на ниво на ЕУ, од сега нивните надлежности се хармонизираат, а нивните одлуки ќе стануваат обврзувачки за случаи кога повеќе европски земји се засеганти од некое нарушување или злоупотреба.

За крај, овие тела ќе имаат дозвола и да изрекуваат казни за фирмите кои ги прекршуваат правилата на новата регулатива. Казните можат да достигнат 20 милиони евра или пак 4 отсто од глобалниот обрт на фирмата.

Повеќе компании како „Фејсбук“ и „Мајкрософт“, ги поздравија новите европски правила, а некои од нив планираат да ја прошират истата заштита и за корисниците надвор од Европската Унија.

Потпретседателката на „Мајкрософт“ вчера изјави дека новата регулатива воспоставува „важни принципи кои се релевантни на глобално ниво“ и планира да им овозможи иста контрола врз сопствените лични податоци на сите корисници на интернет во светот.

Основачот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг, по избивањето на скандалот со „Кембриџ Аналитика“, исто така во повеќе наврати ја поздрави новата регулатива, и изрази надеж дека ќе може да се прошири глобално, иако прецизираше дека тоа не е возможно секаде поради различните законски рамки во различни делови од светот.

Но, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не сите компании успеваат да се снајдат со новите правила. Додека европските корисници во последните денови постојано добиваат електронски известувања од разни платформи и апликации за промените во правилата за приватност, некои компании одлучија пак да ги исклучат европските корисници, бидејќи не успеваат да ги променат правилата во согласност со новата регулатива.

Таков е случајот со „Инстапејпер“, кој е дел од платформата „Пинтерест“. „Инстапејпер“ најави дека корисниците во ЕУ од денеска нема повеќе да имаат пристап до сајтот но дека мерката е привремена.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.