Старата сапунара „Цветан Димов“ оди на продажба

Општина Кисела Вода објави повик за продажба на државно градежно неизградено земјиште лоцирано на местото на руинираната стара фабрика за сапун „Цветан Димов“ наменето за изградба на станбена зграда.

Согласно денеска објавениот повик од Општината, градежната парцела од 4.403 метри квадратни, со површина за градење од 2.548 метри квадратни ќе се продава по пат на јавно наддавање. Земјиштето е предвидено со измената и дополнувањето на делот од ДУП: МЗ Цветан Димов – Славија (блокови 1,2,3,4,5,7,8, и 10).

Почетната цена на  јавното наддавање за градежните парцели е 4.300 денари за метар квадратен. Пријавите за учество може да се достават до 15 следниот месец на интернет адресата www.gradezno-zemjiste.mk, преку која ќе се одвива наддавањето на 19 следниот месец во 11 часот, а ќе трае 15 минути.  Ќе се врши чекорно наддавање со зголемување на вредноста на секој чекор не помалку од 430 денари.

Вкупниот депозит за учество на наддавањето изнесува 1.950.000 денари, а  банкарската гаранција е со износ од 20.000 евра.

Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица државјани на Република Македонија и на членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија. Право на учество имаат и домашни правни лица, односно правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен  регистер на Република Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на ЕУ и на ОЕЦД а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија.

Со банкарската гаранција во износ од 20.000 евра, во денарска противвредност за сериозност на понудата, заинтерсираните физички и правни лица ќе гарантираат дека ќе ја уплатат крајно постигната цена за отуѓување на градежното земјиште на електронското  јавното наддавање. Гаранцијата ќе има рок на важност до 30 јануари следната година.

Според условите од повикот, најповолниот понудувач треба да прифати обврска на сопствен трошок да ги отстрани објектите 1, 9 и 10, за кои е донесено одобрение за отстранување поради опасност од уривање и да не бара никакво оштетно побарување кон државата, односно општина Кисела Вода.

Најповолниот понудувач ќе треба да  ја уплати крајно постигната цена  од наддавањето за земјиште во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор. Во спротивно нема да биде склучен договор  за отуѓување, а депонираните средства нема да му бидат вратени. Нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела и банкарската гаранција за сериозност на понудата ќе биде активирана.

По извршената уплата во утврдениот рок и доставувањето на целокупната документација потребна за учество на јавното наддавање, ќе се склучи договор за отуѓување на земјиштето. Со договорот купувачот се обврзува во рок од 9 месеци од извршената солемнизација на договорот да обезбеди одобрение за градба на предвидените објекти за градежна парцела, согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено и да ги изгради објектите согласно Законот за градење, во рок не подолг од 10 години од денот на правосилност на одобрението за градење. Ако не обезбеди одобрение за градба во предвидениот рок и не ги изгради објектите во определениот рок по вина на купувачот, ќе има обврска да плаќа договорна казна во висина од 1,5 проценти од вкупно постигнатата цена на јавното надавање на земјиштето за секој изминат месец во првата година од истекот на рокот, односно 3  проценти од вкупно постигнатата цена за секој изминат месец во втората година, и 4,5  проценти од вкупно постигнатата цена за секој изминат месец во третата и секоја наредна година од истекот на рокот.

Во цената на градежното земјиште не е вклучен надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Објавата за продажба на земјиштето ќе биде објавена и на интернет страната на Општина Кисела Вода, www.kiselavoda.gov.mk.