Старец измамен во Кличнички Центар, останал без 18.000 денари

Старец од Скопје бил измамен од непознато лице кое од кредитната картичка му зело 18.000 денари, информираше МВР.

Според полицијата, вчера во ПС Центар, В.Р.(86) пријавил дека на 13.07.2018 година околу 11 часот во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ од страна на непознато лице му била извршена измама при што бил оштетен за 18.000 денари.

Измамникот почнал да разговара со старецот од кого дознал за што бил дојден на клиниката. Непознатиот видел шанса да го ограби В.Р. па му кажал дека ќе треба да направи снимка на магнетна резонанца на Клиниката за радиологија за што било потребно да му даде 4.000 денари. Бидејќи старецот ја немал бараната сума во него отишле до банкомат каде изманикот со картичка на пријавителот извадил одредена сума, ги зел парите и му ја вратил картичката на оштетениот.

Откако се вратиле на Клиниката за радиологија измамникот му рекол на В.Р. да го чека, по што заминал и не се вратил. Старецот завчера извадил извештај од банка и забележал дека на 13 јули од кредитната картичка во два наврати се подигнати вкупно 18.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.