Стартува едношалтерскиот систем за пријавување изгубен и вадење нов документ

Од денеска  во сите градови во Македонија стартува едношалтерскиот систем за објава на изгубен личен документ и отпочнување постапка за вадење нов од едно место, само на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека со оваа поедноставена постапка, граѓаните ќе можат да извршат и уплата и објава за неважечки документ за лична карта, пасош, возачка дозвола и сообраќајна дозвола  на шалтерите на МВР  и веднаш да ја отпочнат постапката за вадење на нов документ.

Со  овој проект се овозможува скратување на процедурата за пријавување, а граѓаните новите документи може да ги извадат во значително пократок период.

Досега, оваа постапка беше прилично комплицирана, особено за граѓаните од другите градови на Република Македонија, каде Службен весник немаше свои канцеларии и траеше повеќе денови.

Во Македонија, според досегашната статистика, 30.000 граѓани во просек годишно ги губат своите лични документи од кои најмногу лични карти, потоа возачки дозволи, патни исправи и на крај сообраќајни дозволи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.