Стартува екстерното тестирање во основните и средни училишта

Во основните и средните училишта од денеска до 10-ти јуни ќе се спроведува екстерното тестирање на учениците.

Прашањата за екстерното тестирање беа објавени пред речиси еден месец, а, како што информира министерот Ристовски, прифатени се и 3.461 забелешка и направена е соодветна корекција.

Со екстерното тестирање ќе бидат опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, како и 18.126 наставници во 680 основни и средни училишта. Тестирањето ќе го следат 638 набљудувачи, а ќе бидат ангажирани и 175 администратори. Активни ќе бидат и инспекторите на Државниот просветен инспекторат, а отворени ќе бидат и кол центрите на Државниот испитен центар.

На 28 мај беа објавени распоредите на кој датум учениците ќе полагаат. Распоредите дополнети со предметот што ќе го полагаат ќе се објавуваат секој ден, односно три дена пред секое тестирање.

Покрај во училиштата, распоредите ќе бидат објавувани и од страна на Државниот испитен центар на веб страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Резултатите од тестирањето ќе бидат објавувани етапно, со тоа што предност и во полагањето и во добивањето на резултатите ќе имаат осмооделенците поради претстојните уписи во средните училишта што ќе се одржат на 23 јуни, односно на 18 јуни во Спортската академија.