Стартува влезот на инвеститори во ТИРЗ Охрид- Струга

Стартува влезот на инвеститори во ТИРЗ Охрид- Струга
Стартува влезот на инвеститори во ТИРЗ Охрид- Струга

Претседателот на Владата Никола Груевски во рамки на работната посета на Охридскиот регион денеска заедно со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и со претставници на Агенцијата за ТИРЗ, ја посети Технолошко-индустриската развојна зона Охрид – Струга, што се наоѓа на магистралниот пат во близина на охридскиот аеродром.

Станува збор за инвестиција на Владата за привлекување странски компании, технолошко-индустриска зона за чие инфраструктурно уредување се обезбедени средства во износ од шест милиони евра.

Премиерот Груевски истакна дека според информациите од претставникот на Агенцијата за ТИРЗ градбата на објектот е во тек, нема никакви доцнења, се оди според планот и нејзината финализација ќе заврши според предвиденото.

Она што е занајчно за оваа зона е што ќе почне да се градат производствени капацитети. Во втората половина на овој месец ќе започнат техничките подготвителни работи за  градба на фабриката на „ОДВ Електрик“ која веќе има свој „браунфилд“ погон во Охрид, а  тука идниот месец, некаде на средината на септември, ќе почне и градбата на фабриката, истакна премиерот, појаснувајќи дека тоа значи илјада директни и доста индиректни вработувања во компании кооперанти, партнери, добавувачи на германскиот производител на електрични делови за автомобилската индустријата.

Тој истакна дека паралелно на овој процес, веќе следната седмица ќе пристигнат претставници на германската компанија „Костал“ од областа на автомобилската индустријата, која веќе објави одлука за инвестирање во Охрид

Целта на нивното доаѓање е да започнат регрутирање на првите вработени, веројатно ќе започнат со менаџерскиот тим, кој подоцна ќе треба да селектрира вработени. Нивниот план, според најавеното, е некаде во октомври во „браунфилд“, во постоечка хала да почнат производсство, а некаде на почеток на следната година да почнат со изградба на своја фабрика во оваа ТИРЗ, на 25 илјади метри квадратни, што е голем производствен капацитет, истакна Груевски.

Претседателот на Владата изрази уверување дека на половина од расположивото градежно земјиште во ТИРЗ Охрид – Струга ќе има активна градба на две големи фабрики кои ќе значат две илјади директни вработувања, плус уште дополнителни индиректни работни места.

Тоа ќе биде сериозна можност многу граѓани од овој крај кои немаат вработување да дојдат до работно место и извор на егзистенција, што е навистина нешто што радува, рече Груевски, притоа додавајќи дека останува простор и за изградба на други производствени капацитети.

Тој најави дека предвидени се и други парцели, дека се работи на изнаоѓање други инвеститори, а кога ќе се исцрпат можностите на зоната ќе се премина кон нејзино проширување или изградба на нова.

Нашиот тим работи секојдневно на привлекување инвеститори кои би отвориле нови работни места насекаде низ Македонија, а секако и тука во овој регион, додаде премиерот Груевски.

Претходно премиерот го посети и локалитетот „Плаошник“ во Охрид, каде во тек се завршните градежни зафати од возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.