Стартуваат последипломските студии на чешката Филмска академија во Охрид

Од септември во Охрид се отвораат последипломски студии на Академијата за филмска и телевизиска уметност (ФАМУ) од Прага,  која што е дел од Академијата за сценски уметности (АМУ). Студиите кои ќе се одвиваат на англиски јазик, ќе се организираат во Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“, а за нив е обезбеден наставен кадар од ФАМУ во Прагa.

Програмата ќе опфати филмско сценарио, драматургија и продукција. Министерот за образование, Спиро Ристовски нагласи дека образовната понуда понатаму ќе се надградува со режија, филмска фотографија и монтажа, а ќе се работи и на имплементација  на додипломски студии.

Ристовски денеска имаше средба со деканот на  Академијата за филмска и телевизиска уметност од Прага, Павел Јех, како и Томаш Петрањ и Иво Трајков, професори  во оваа петта најстара филмска школа во светот.

„На воспоставувањето на оваа единствена соработка на ФАМУ од ваков тип со друга земја, претходеше неколкумесечна интензивна работа на мешовит тим составен од еминентни личности од областа, во коај што учествуваше и поранешниот продекан Томаш Петрањ, како и професорот Иво Трајков, за што им се заблагодарувам, пред се’ за иницијативата, но и за несебичната поддршка и ангажман за реализација на истата“, истакна Ристовски.

Во следниот период ќе следуваат промотивни активности поврзани со новите студиски програми.
Вечерва во 18 часот, во МКЦ  ќе се организира работилница на тема: „Глобален јазик во уметноста на раскажувањето“.