Статус кво за изборот на нов гувернер на НБРМ

Кандидатот за нов гувернер на НБРМ би требало да се утврди на наредните средби меѓу претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заевв, откако двајцата заклучиле дека Народната банка не смее да остане без првиот човек, откако ќе му заврши мандатот на Димитар Богов.

Иванов и Заев денеска по барање на премиерот по втор пат се сретнаа да разговараат околу изборот на гувернерот, но не ги усогласија ставовите.

Претседателот не отстапува од својот предлог Богов повторно да биде гувернер на Народната банка и уште еднаш му ги образложил на Заев причините зошто смета дека Богов треба да биде реизбран.

Според Иванов, по консултациите, како и врз основа на  досегашните успешни резултати и долгогодишното искуство во оваа област, тој оценил дека Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција.

Премиерот Заев, пак, искоментира дека Богов нема да ја има поддршката од парламентарното мнозинство, пред се, од ДУИ.

Димитар Богов четири години беше вицегувернер, седум години е гувернер. Јас верувам дека тој има капацитет да и помогне на државата.Сегашниот гувернер го почитувам, но има забелешки од мнозинството за неговата работа. Јас тие забелешки му ги пренесов на претседателот. Во тој дел разменивме одредени идеи и потреби, но заедно заклучивме дека Македонија треба да има гувернер кој ќе се избере согласно законските рокови. Тоа е добро и за имиџот на државата, вели Заев.

Според него, една од работите кои што секојпат биле добри во Македонија со децении била стабилноста на монетарната политика, курсот на денарот и она што значи стабилно градење на сите економски политики, вклучително и фискалната политика.

 Се надевам дека ќе продолжат ваквите состаноци меѓу нашите советници или директно меѓу мене и Иванов за да изнајдеме решение и до 20 мај да избереме гувернер на НБРМ, рече Заев.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.