Ставен под контрола силниот пожар на грчкиот остров Евиа

Големиот пожар што избувна во неделата попладне во централниот дел на грчкиот остров Евиа, околу 70-ина километри североисточно од главниот град Атина, поради кој беше спроведена евакуација на околу 500 лица од две села и еден манастир, во понеделникот е ставен под контрола, објавија локалните власти.

Регионалниот управник на Евиа, Костас Бакојани, соопшти дека „повеќе не постојат активни фронтови на пожарот“ и дека тој е целосно под контрола.

Поради пожарот до претпладенво беше затворен и дел од главниот пат што минува низ островот, а со цел да овозможат побрзо заминување на оние што сакаат да ја напуштат Евиа, властите наредија траект линиите кон Атина да сообраќат во текот на целата мината ноќ.

Пожарот на Евиа зафати голема површина под борова шума и брзо се прошири потпомогнат од силниот ветер. Во гаснењето на пожарот учествуваа 210 пожарникари со 62 противпожарни возила, 240 војници, како и авиони и хеликоптери.