Ставен во функција нов EMG апарат во Поликлиниката Ѓорче Петров

Во Поликлиниката Ѓорче Петров утре ќе биде ставен во функција новиот EMG  апарат кој е неопходен како дијагностичка процедура во делот на неврологијата, но и во други специјалности, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

EMG  апаратот се воведува првпат во историјата на Здравствен дом Скопје и за него има огромна потреба, имајќи предвид дека во Клиниката има два вакви апарати и еден во ГОБ „8 Септември“. Новиот апарат сериозно ќе помогне да се забрза пристапот до овие услуги на пациентите и да добијат побрзо здравствена услуга и поблиску до своето месето на живеење, изјави Тодоров по посетата на Поликлиниката Ѓорче Петров.

Прецизира дека апаратот е веќе ставен во функција, а докторката која ќе го опслужува беше на шестмесечна обука од кои три месеци на Клиниката во Скопје и три месеци во Словенија.

Со тоа комплетно се стекна со потребните знаења и вештини за работа на овој  најнов и најсовремен EMG апарат, рече Тодоров.

Посочи дека Здравствен дом Скопје досега годишно испраќаше по 700 до 800 пациенти кон други здравствени установи за таквата дијагностичка услуга. Воведувањето на новиот апарат, како што истакна, сериозно ќе влијае на намалувањето на време на чекање и на достапноста на ваквата здравствена услуга.

Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ рече дека во изминативе неколку години сериозно се работи Поликлиниката Ѓорче Петров да се доопреми со нови кабинети, и истакна дека во 2013 беа отворени кабинетот за уво, нос и грло и кабинетот за неврологија, а во 2015 кожен кабинет.

Појасни дека докторот кој ќе работи на EMG  апарат е превземен од приватна здравствена установа и веќе е обучен за сите процедури кои може да се работат на ниво на Здравствен дом Скопје.

Новиот EMG апарат кој ќе почне со работа од утре и ќе биде креиран по мој термин во два дена во неделата, вторник и четврток. Ќе бидат отворени пет термини, бидејќи дијагностичката процедура трае од 40 минути до еден час. Доколку има потреба ќе отвориме и нови термини, истакна Баевска Вучковиќ.

EMG  е интердисциплинарна дијагностичка процедура која ја користат повеќе области, а пред се неврологијата, трауматологијата, ортопедијата, неврохирургијата и педијатријата. Воглавно се користи за дијагноза на болести на периферниот моторен неврон и мускулни заболувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.