Македонија

Ставете им маски на кучињата, од денеска казните се до 400 евра

Ставете им маски на кучињата, од денеска казните се до 400 евра

Од денеска во oпштина Аеродром ќе почне активно да се применува членот 29 од Законот за прекршоците на јавен ред и мир, според кој ќе се казнуваат сите сопственици на кучиња што ќе ги шетаат своите миленици без заштитна маска.

Од општината апелираат граѓаните да ги шетаат своите домашни миленици со заштитна маска и да носат со себе ќеси за да го собираат изметот што нивните миленици го оставаат зад себе на јавни површини.

– Во спротивно, комуналните служби на општината заедно со службите на полициската станица „Аеродром“ ќе изрекуваат соодветни казни во согласност со Законот за прекршоците на јавен ред и мир, член 29, според кој кучињата мора да носат заштитна маска, велат од општината.

Според овој член, граѓаните „кои без заштитни средства (маска и слично) без надзор и невнимателно држат кучиња и други опасни животни што можат друг да престрашат или да повредат, ќе им се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.

Исто така, според Законот за јавна чистота, член 33, се изрекува глоба на физичко лице што „остава фекални остатоци на домашно милениче надвор од садовите за отпад“.