Ставрески: Ако немаше политичка криза, екононскиот раст ќе беше до 5 проценти

– Политичката криза мора да има завршница, бидејќи во спротивно и најјаката економија на светот не би можела да издржи долгогодишна криза. Вистинска штета е што добро поставените економски политики не можат да резултираат со економскиот раст кој Македонија има потенцијал да го оствари. Македонската економија во моментов има потенцијал да расте со стапка од 4 до 5 проценти, вели министерот Ставрески за ТВ Нова.

Тој нагласи дека Македонија покажала оти може да остварува резултати и во услови кога во останатите земји се намалувала стапката на раст.

– Кога во другите земји се зголемуваше невработеноста, во Република Македонија таа се намали. Извозот растеше и сѐ уште расте и добро е тоа што странските компании ја разбираат оваа ситуација, вели министерот Ставрески.

Тој додава дека ако во континуитет се применувале економските политики, тогаш сето тоа би помогнало да се намали невработеноста на околу 22 проценти, како што и било планирано.

– Ние имаме сила за тоа, имаме и проекти кои помогнаа во таа насока, како што беше и Македонија вработува, истакнува министерот Ставрески, додавајќи дека овој добар тренд не смее да прекине и не смее да се дозволи политичкиот амбиент да го наруши до таа мера Македонија да го изгуби имиџот на земја со добар бизнис- амбиент.

Како и сѐ во животот, вели Ставрески, ако еднаш се изгуби тој имиџ, тешко потоа може да се врати, така и ако се разочараат странските инвеститори од политичкиот амбиент, тешко ќе може после да се вратат во земјава.

Според министерот за финансии, домашните компании изминатиот период покажале дека можат да се прилагодат на латентните состојби кои се случуваат на политички план, не само во земјава, туку и во регионот, но оти малите фирми се оние кои најмногу страдаат, бидејќи потешко стигнуваат до финансиски средства, дури и во нормални услови.

– Затоа е штета што добро поставените економски политики не можат целосно да резултираат со економскиот раст што Македонија има потенцијал да го оствари, вели Ставрески.