Ставрески бара извинување од Шилегов поради изречените клевети

Од Министерството за финансии во однос на денешната прес-конференција на Петре Шилегов истакнуваат дека тој веќе втор ден по ред бесрамно ја замајува и дезинформира јавноста.

Во продолжение следува интегрален текст од нивната реакција

Бидејќи на неколку наврати Шилегов со тенденција го споменува вицепремиерот и министер за финансии Ставрески дека потпишал договор со фирмата изведувач на канализационата мрежа во Прилеп, го повикуваме г-динот Шилегов јавно да го покаже документот за кој тврди дека Ставрески го потпишал. Доколку Шилегов во рок од 48 часа не се извини јавно за изречената клевета согласно член 13, став 3 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, вицепремиерот Ставрески ќе поднесе тужба за клевета.

Второ, договорите за ИПА ги одобрува и копотпишува и Делегацијата на Европската Унија во РМ, односно претставникот на ЕУ во Македонија евроамбасадорот Аиво Орав, врз основа на претходно спроведена тендерска постапка согласно ЕУ правилата за набавка со средства од европските фондови. Овие договори не се потпишуваат во четири очи како што тврди Шилегов, туку тие се предмет на транспарентна постапка на избор на најповолен понудувач. Реализацијата на проектот е под континуиран мониторинг од Делегацијата на ЕУ.

Дали Шилегов исто така шпекулира на инволвираност на ЕУ во нетранспарентен избор на фирмата за канализационата мрежа во Прилеп?